Македонија старее, системот под притисок
Една генерација заминува, друга – ја нема доволно. Помалку работници, повеќе пензионери – балансот се менува. Ревизорите предупредуваат: системот веќе е под притисок…

Македонија старее и тоа со темпо што веќе отвора сериозни прашања за иднината на пензискиот и социјалниот систем. Ревизорскиот извештај што ќе биде објавен утре, предупредува на состојби кои не можат да се игнорираат. Домовите за стари лица се ограничени, услугите за грижа недоволни.
„За жал и таму имаме поразителни состојби каде што констатираме дека енормно населението веќе ни старее. Имаме пад во делот на она што значи млада популација, имаме загрижувачки податоци во делот на работно способното население, имаме загрижувачки податоци во делот на сместувачките капацитети и негата на старите лица, имаме загрижувачки податоци на услугите каде што можат да се дадат за згрижување“, изјави Максим Ацевски-главен ревизор.
Зад бројките стои реалност што веќе се чувствува – систем што мора да поддржи сè повеќе луѓе, со сè помалку ресурси. Помалку млади, помалку работници, повеќе пензионери. Ова е сликата што ја покажуваат ревизорите, но и тренд што со години се продлабочува.
„Потребата од преземање интензивни реформи во делот на пензискиот систем бидејќи се повеќе и повеќе се создава состојба каде што од една страна имаме поголем број на корисници на пензија, од друга страна имаме се помал број на вработени“, изјави Максим Ацевски-главен ревизор.
Оваа нерамнотежа не е нова, но сега станува видлива и во институционалните анализи. Стареењето на населението не е само демографски тренд, туку тест за издржливоста на системот.
Катерина Топалова
