Мицкоски: Образованието е клуч за еднаквост на Ромите
Образованието, интеграцијата и уривањето на предрасудите се во фокусот на владините политики за ромската заедница, порача премиерот Христијан Мицкоски по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Светскиот ден на Ромите не е само симболично одбележување, туку ден за конкретни одлуки и чекори кон еднаквост.
На настан во Собранието, тој истакна дека визијата на Владата започнува со обезбедување достапно образование за секое ромско дете, без поделби и дискриминација. Според него, системот треба да отвора можности и да ги препознава потенцијалите, наместо предрасудите.
Мицкоски призна дека ромската заедница сè уште се соочува со бројни предизвици и неправди, но нагласи дека интеграцијата не значи асимилација, туку еднаквост и правичност.
Тој посочи дека Владата спроведува конкретни мерки – од стипендии и поддршка во образованието, до вработување, преквалификација и подобрување на условите за живот преку инфраструктурни инвестиции.
Премиерот нагласи дека покрај институционалните политики, клучно е и менувањето на општествените перцепции, со цел создавање општество во кое секој ќе има еднаква шанса и достоинствен живот.
