Е-трговијата расте: 950 милиони евра промет во 2025, се зголемува и одливот кон странство
Онлајн купувањето во земјава бележи силен раст, со пораст од 32% во вкупната вредност на трансакциите, покажуваат анализите на Асоцијација за е-трговија на Македонија врз основа на податоци од Народна банка на Република Северна Македонија.

Е-трговијата во земјаваа продолжува со динамичен раст и во 2025 година, достигнувајќи вкупна вредност од 950 милиони евра, што е за 32% повеќе во однос на претходната година. Истовремено, бројот на онлајн трансакции пораснал на 28,9 милиони.
Од вкупниот износ, 522 милиони евра се реализирани кон домашните е-трговци, додека значителен раст се бележи и кај купувањата од странски платформи – дури 428 милиони евра, со пораст од 45%.
Анализата покажува дека најбрзо расте токму купувањето од странство, што укажува на зголемен одлив на средства од домашната економија. Во исто време, се зголемува и бројот на активни е-продавници, кои во 2025 достигнале 1.396.
Просечната вредност на една трансакција останува стабилна и изнесува околу 33 евра, што укажува на почести, но помали онлајн купувања.
Од Асоцијацијата оценуваат дека растот е показател за зголемена доверба во дигиталната трговија, но предупредуваат дека е потребно дополнително зајакнување на домашната понуда за да се намали одливот кон странските е-трговци.
