Цената на нафтата падна по 100 долари за барел
Постигнатиот договор за двонеделен прекин на огнот донесе оптимизам на пазарите. Цената на барел нафта по подолг период падна на помалку од 100 долари, но – прашањето е колку време ќе биде потребно, тоа да го почувствуваат и граѓаните. И експертите и надлежните се децидни – сè уште има ризици и непредвидливост, ситуацијата внимателно се следи.

Нафтата поевтини и цената падна под 100 долари, но напнатоста и натаму останува. Според економистите, не смееме одма да се опуштиме, оти ризици сè уште постојат. Професорот Антон Чаушевски за МТВ вели дека добро е што Владата ја следи состојбата, оти како што рече, цената на нафтата варира од ден во ден.
Македонија мора да е спремна на се, оти ценовните осцилации се непредвидливи, додава Чаушевски. Според него, државата е добро да има мерки, за граѓаните полесно да ја пребродат скапотијата.
Од Владата велат будно ја следат состојбата на Блискиот Исток.
Премиерот рече дека е рано да се прават прецизни проекции за примирјето меѓу Вашингтон и Техеран врз цената на нафтата, но посочи дека првичните ефекти веќе се видливи на светските берзи.
Од Владата веќе подготвуваат пакет мерки за задржување на животниот стандард на граѓаните. Тие треба да се усвојат следната недела на владина седница, односно по велигденските празници.
Мерките ќе бидат комбинирани. Ќе има и поголеми казни за трговците кои ќе сакаат да ги изиграат потрошувачите. Законските измени треба да влезат во владина процедура.
Борис Грујоски
