Недвижности

Становите во Скопје поскапи за 16,7% – растот продолжува со побавно темпо

08.04.2026 19:23

И покрај забавувањето на динамиката, цените на становите во главниот град и натаму растат, покажуваат податоците на Народна банка.

Цените на становите во Скопје во првиот квартал од годинава се зголемиле за 16,7 проценти на годишно ниво, додека на квартално ниво растот е минимален и изнесува 0,1 процент, покажува индексот на цени на недвижности.

Иако растот продолжува, податоците укажуваат на постепено забавување во однос на минатата година, кога цените бележеа значително повисоки стапки на раст во сите квартали.

Според Агенција за катастар на недвижности, за 2025 година се очекува умерен раст на пазарот, со зголемен интерес за инвестиции и натамошен раст на закупнините.

Становите и натаму доминираат на пазарот, учествувајќи со 33% од вкупниот број трансакции и речиси половина од вкупната вредност. И покрај тоа што бројот на продадени станови е намален, нивната вредност бележи раст.

Најактивни и најскапи остануваат општините Центар, Аеродром и Карпош, каде се регистрирани и највисоки цени по квадратен метар. Најскапиот стан е продаден во Аеродром за 166.500 евра, додека најскапата куќа достигнала цена од 1,5 милиони евра во Центар.