Совет на јавни обвинители

Констатирана оставката на Ристоска

08.04.2026 17:00

Ленче Ристоска повеќе не е јавна обвинителка. Без расправа, Советот едногласно го усвои нејзиното барање за престанок на функцијата. Првиот човек на телото не сакаше да ги коментира причините за оставката. Засега е неизвесно и кој обвинител ќе ги преземе предметите Талир 1 и 2, поврзани со ВМРО-ДПМНЕ...

Едногласно, без дискусија Советот на јавни обвинители ја констатираше оставката и престанокот на функцијата на јавната обвинителка Ленче Ристоска. Претседателот на Советот, Башким Бесими е воздржан – вели, одлуката на Ристоска е лична. Тој не чувствува одговорност за одбивањето на претставката што таа ја поднесе, а која беше наведена како една од причините за нејзината одлука. Советот, посочи Бесими-констатираше дека е неоснована.

Обвинителката Ристоска поднесе оставка на 2-ри април откако ја изгуби битката на двата фронта. Советот ја отфрли нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност.

Како втора причина, таа ја наведе одлуката на новиот државен обвинител Савески за повлекување на овластувањата за предметите од СЈО Талир 1 и 2, кој и по 10 години останаа без епилог.

За својата одлука државниот обвинител Савески повтори дека не треба да се врзуваат предметите за одредени јавни обвинители, ниту пак откри кој ќе ги преземе предметите на Ристоска.

 

Марина Стојанова-Тонева