Меѓународен ден на Ромите

Конкретни политики за подобрување на животот на ромската заедница

08.04.2026 17:18

Од невидливост кон еднаквост и одржлива инклузија. На Меѓународниот ден испратена порака – мора да се подобри местото на ромската заедница во македонското општество.

Закони има, но реалноста за ромската заедница е далеку од розова и исполнета со препреки и дискриминација, предупреди претседателот на законодавниот дом. Гаши повика на координиран пристап и поголема институционална соработка, со политичка волја, граѓанска ангажираност и медиумска одговорност. Разочаран е што во овој парламентарен состав нема пратеник Ром, па затоа вели, лично ќе биде гласот на оваа заедница.

На меѓународниот ден, охрабрување до Ромите да бидат креатори на политиките, а не само нивни корисници.

И претседателката Сиљановска-Давкова предупреди дека мора да се направи повеќе.

„Осми април е вистинскиот ден за мерење и преиспитување на квалитетот на животот на нашите сограѓани Роми во сите области и на сите нивоа. Еднаш мора да ни стане јасно дека не е доволно да се повикуваме на Шуто Оризари, туку да обезбедиме пристоен живот на Ромите каде и да се“, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Од Владата, пак, велат дека имаат визија за вистинска инклузија со образование достапно за секое ромско дете и конкретни политики за еднаквост. На тоа се работи преку подобрување на пристап до образованието, стипендии, поддршка за ученици и студенти и намалување на раното напуштање на училиштата, вклучување на Ромите на пазарот на труд, подобрување на условите за живот.

Ана Јосифоска