Судиите остануваат со исти плати
„Постои тенденција на намалување на судиските плати, што создава опасност за загрозување на независноста и самостојноста на судството.“ – ова е образложението на Уставниот суд откако донесе одлука да ги поништи последните законски измени за коефициентите на платите на судиите, донесени во февруари...

Судиите ќе продолжат да земаат плата по старо. Уставниот суд ги поништи законските измени за намалување на коефициентите, донесени во февруари годинава. Со тоа, во сила останува претходниот закон. Како аргумент, посочена финансиската независност на судството. Уставен препозна и тенденција, бидејќи за две години коефициентите се двапати намалени.
„Коефициентите за утврдување на платите на судиите беа намалени двапати во 2024 година и повторно во февруари 2026 година, што според судот укажува дека постои тенденција на намалување на реалниот износ на судските плати, што создава опасност за загрозување на нивната материјална положба, а со тоа и загрозување на независноста и самостојноста на судството“, велат од Уставен суд.
Уставните судии поведоа и постапка за Колективниот договор за вработените во културата, откако синдикатот ги оспори решенијата за платено отсуство и за пресметка на плати, за кои тврдеше дека создаваат нееднаквост со другите вработени во јавниот сектор, ги кршат Уставот и законите.
„Законот за култура не ја утврдува конкретната методологија за пресметка на плата, не утврдува коефициенти на сложеност и не предвидува јасна формула за пресметка. Наместо тие суштински елементи да бидат уредени со закон, тие се уредени исклучиво со Колективен договор. Ова е спротивно на член 51 од Уставот, според кој сите прописи мора да бидат во согласност со закон како и на член 8 став 1 алинеја 3 и 4 со кои се утврдени владеењето на правото и поделбата на државната власт“, вели Татјана Васиќ Бозаџиева – уставен судија.
Дел од уставните судии сметаат дека колективниот договор не е спротивен на уставот. Кацарска вели, законот за работни односи им дава големо значење на колективните договори.
„Работи кои сметам дека во ниту еден случај не се спротивни на Уставот и овој Колективен договор во ниту еден сегмент не може да биде неуставен. Ако се чита целосно Законот за работни односи, може да се види колку многу значење се придава на колективните договори“, рече Добрила Кацарска – уставен судија.
Од Синдикатот за култура велат, со децении чекаат да ги добијат основните работнички права. Без разлика од исходот од одлуката на Уставен, борбата за правда на културните работници ќе продолжи.
Андријана Ѓурческа
