Потресни снимки за трагедијата во Тафталиџе
Мачно судско рочиште во Кривичниот суд за трагедијата во „Тафталиџе“, каде животот го загубија Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја. Беа презентирани аудио и видеоснимки, кои го покажуваат повеќегодишното семејно насилство што го вршел сопругот Стојанче Јовановски, кој меѓу другото се гони и за наведување на самоубиство.

Тепачки на улица, викотници во глуво доба, меѓусебно пријавување за семејно насилство. Обвинителството презентираше аудио и видеоснимки, како дел од доказниот материјал против Стојанче Јовановски, кој се товари дека ја малтретирал сопругата до тој степен, што таа си го одзеде животот, а во смрт ја поведе и нивната шестгодишна ќерка.
Обвинителката прикажа снимки од мигот на трагедијата, но и она што претходело – Стојанче на улица ја тепал Ивана, а таа го пријавила дека чува дрога во станот.
Соседи уште лани пријавиле дека Ивана дошла кај нив, барајќи заштита од насилникот, а се презентираа и снимки од пријавите на мајката на Ивана која загрижено барала полицијата да провери дали ќерка и е добро.
Во еден случај и самиот Јовановски пријавил дека сопругата од која се разведува го истепала и му се заканувала.
Стојанче Јовановски одговара за три кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Обвинителството тврди дека тој во континуитет со години психички и физички ја малтретирал сопругата, што довело до трагичен епилог.
Анита Димитријевска – Велковска
