Продлабочување на билатералните односи со САД
Македонската влада е задоволна од стратешкиот дијалог со САД. Премиерот Мицкоски вели дека по последните разговори, сега сме чекор поблиску во нашите билатерални односи со Вашингтон, како наш стратешки партнер. Објавена и заедничката изјава.

Снабдување со природен гас од Соединетите Американски Држави, едношалтерски систем за извозот и инвестициите од Америка, 5 милиони долари за Македонија за почеток на ископувањето антимон во Кривопаланечко, зголемување на трошоците за одбрана за исполнување на барањата на НАТО, техничка помош од Вашингтон за Скопје за зајакнување на дигиталната инфраструктура, распоредување американски советници за сајбербезбедност во Македонија, американска финансиска помош за поголема безбедност на границите – ова е наведено во заедничката изјава по состаноците во рамки на стратешкиот дијалог со САД. Премиерот Мицкоски оцени дека ова ја позиционира Македонија како значаен стратешки партнер на САД.
САД ги препознаа дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста како едни од клучните компоненти на нашата соработка, вели министерот Андоновски.
Министерството за енергетика во сад потпиша меморандум за снабдување со природен гас и за диверзификација на изворите и рутите за снабдување.
Соговорниците од македонска и американска страна констатираа дека одржаната сесија претставува значаен исчекор во унапредувањето на билатералните односи.
