Кревко примирје меѓу САД и Иран
Ситуацијата на Блискиот Исток останува нестабилна, со зголемен ризик од натамошна ескалација и продлабочување на хуманитарната криза во регионот. Израел нападна над 60 локации во Либан, има цивилни жртви.

Израел изврши жесток напад врз Хезболах во Либан доведувајќи го во прашање кревкото примирје меѓу САД и Иран. Над 200 луѓе загинаа, стотици се повредени. Тел Авив тврди дека Либан не е вклучен во договорот за прекин на огнот, Хезболах тврди поинаку.
„Со години, Хезболах се кријат зад жителите на Либан и ги користат како човечки штит. Ќе продолжиме да ги напаѓаме и гониме насекаде, и ако треба ќе се вратиме и на Иран“, изјави бригаден генерал Ефи Дефрин – портпарол на израелската војска.
„Либан е дел од овој договор. Ова е деклариран став, нема толкување или шпекулации“, изјави Ибрахим ал-Мусави – пратеник на Хезболах.
САД ќе мора да изберат меѓу прекин на огнот и продолжување на војната преку Израел-соопшти иранскиот шеф на дипломатијата Арагчи.
„САД мора да изберат – прекин на огнот или продолжување на војната преку Израел. Не може да ги има и двете. Светот ги гледа масакрите во Либан. Топката е во дворот на САД“, изјави објава на Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран.
Револуционерната гарда на Иран тврди дека го затворила Ормускиот теснец поради израелските напади и се закани со одговор ако Тел Авив продолжи со дејствија во Либан. Од Белата куќа ги отфрлија тврдењата.
„Видовме зголемување на сообраќајот во Ормускиот теснец. Очекувањето и барањето на претседателот е тој да биде повторно отворен веднаш, брзо и безбедно. Приватно му е пренесено дека тоа се случува и дека овие извештаи се лажни“, изјави Каролин Ливит – портпаролка на Белата куќа.
Вашингтон нагласува дека Либан не е дел од договорот, дека тој е во добра позиција и дека преговорите продолжуваат, но и предупредува на сериозни последици ако Иран ги прекрши условите.
„Претседателот нема да се придржува до нашите услови, ако Иранците не се придржуваат до своите. Фундаментално, ние сме во добра позиција. Тие ги отвораат теснецот. Имаме прекин на огнот. И искрено, ако го прекршат својот дел од договорот, ќе бидат сведоци на сериозни последици“, изјави Џеј Д. Венс – потпретседател на САД.
Преговорите меѓу САД и Иран треба да се одржат во сабота во Исламабад. Трамп порача дека војската ќе остане „на место“ додека не се постигне целосен договор со Техеран за нуклеарната програма и отворање на теснецот.
„Ако од која било причина не се исполни, што е многу малку веројатно, тогаш „Пукањето започнува“, поголемо и посилно од било кога досега. Беше договорено, одамна, и покрај целата лажна реторика за спротивното – нема нуклеарно оружје и ормускиот теснец ќе биде отворен и безбеден“, – објава на Доналд Трамп – претседател на САД.
Во меѓувреме, Трамп изрази разочарување од НАТО на средбата со генералниот секретар Руте, поради војната со Иран, оценувајќи дека алијансата потфрлила, додека Руте порача дека разговорот бил искрен и дека мнозинството сојузници сепак помогнале. Тензиите меѓу Вашингтон и сојузниците растат, додека британскиот премиер Стармер веќе започна дипломатска турнеја во Персискиот Залив за поддршка на примирјето.
Бојана Крстевски
