Дигитални уреди

Мобилните телефони – сериозна закана за видот и говорот кај децата

13.04.2026 15:13

Ефектите од прекумерната изложеност на децата од најмала возраст на дигитални уреди, односно телефони, веќе се чувствуваат. Се повеќе деца имаат проблеми со говорот, во пораст се и очните заболувања.

Кога децата уште од најмала возраст имаат пристап и минуваат многу време со мобилни телефони, опасноста од задоцнет развој на говорот е реална. Се поголем е бројот на деца кои не прозборуваат до третата година, имаат сиромашен речник или проблеми со внимание и концентрација. Логопедите советуваат родителите да го ограничат пристапот на децата до телефон.

Прекумерното „дружење“ со телефонот влијае и на детските очи. Испитувањето на видот на децата од скоро сите градинки во државата покажа дека расте бројот на деца со намалена видна функција, суво око, дигитален замор и школска миопија.

Користењето на телефон посебно за детските очи е ризично најмногу заради тоа што се држи на мало растојание од очите. Лекарите препорачуваат балансирано користење на телефоните, бидејќи на удар на современата технологија кај најмалите не се само очите и говорот.

Славица Величковска