Велес

Заврши 5. издание на театарскиот фестивал „5РЕ“

09.04.2026 14:10

Три од седумте награди на театарскиот фестивал „5РЕ“ во Велес за црногорската претстава „Од другата страна“. На фестивалот беа одиграни седум претстави, две од странство Србија и Црна Гора и се играше пред распродадена сала.

Три од седумте награди на фестивалот на популарните театарски претстави „5РЕ“ заминаа за Подгорица кај Црногорското народно позориште за претставата „Од другата страна“. Таа ја доби Гран при наградата за претстава во целина, за режија Борис Лијешевиќ и за главна машка ролја Александар Радуловиќ.

„Откако претставата „Од другата страна“ освои бројни награди во регионот, задоволство е, и нè радува што нејзиниот квалитет е потврден и во Велес. Посебно задоволство е што соработката на Црногорско народно позориште и македонските театри е интензивирана последните две и пол години. Па така по 10 години гостувавме во Македонски народен театар во Скопје, на Охридско лето, воспоставивме соработка со Велешки театар“, изјави Иван Суботиќ, директор на Националното црногорско народно позориште Подгорица.

Две награди се за претставата „Куршуми над Бродвеј“ на Драмски театар за главна женска ролја Јована Спасиќ и споредна машка Сашо Тасевски, една за МНТ за Тања Кочовска за споредна женска улога во претставата „Народен пратеник“. Награда од публиката за претстава доби „Аматери“ на Театар Комедија. Ова беа одлуки на жирито во состав Зорица Панчиќ и Владимир Тулиев актери и режисерката Елеонора Теова. Фестивалот се организираше со финансиска поддршка од 20 илјади евра од Општина Велес и Министерството за култура. Беа одиграни седум претстави, две гостувања од странство Србија и Црна Гора, сите се играа пред распродадена сала. Идеен творец на фестивалот е актуелниот министер Зоран Љутков кога беше претседател на Советот на Општина Велес.

„Многу ми е драго што ја видов онаа слика. Фестивал на популарни претстави, нешто што во Македонија го нема и затоа толку посетен и толку гледан“, изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Министерот Љутков кажа дека во Македонија во има 23 театарски фестивали, што локални, што национални, што е премногу и во тек е изработка на национална стратегија на културата за значењето кој фестивал е локален кој национален.

Петар Печков