Родителите ги бараат токсиколошките анализи
Дел од родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ утрово ја посетија Судска медицина во обид да добијат одговори.

Родителите на настраданите во кочанската дискотека, изутринава дојдоа пред Институтот за судска медицина. Од одговорните ги бараат токсиколошките анализи од обдукциите на жртвите. Им било укажано дека објавување на информации би можело да влијае врз судската постапка.
„Ние имавме и претходно средба со него, тој кажа дека ако ни даде што било, тоа ќе влијае на судењето. Чекаме да ја чуеме вистината, од што се починати нашите деца. Кога ни починаа децата, тие зеле примероци од нив, но немало машина за испитување, а сега има“, рече родителот Александар Наунов.
Институтот за судска медицина ќе ги презентира анализите на судските рочишта.
Известува Наташа Јанчиќ- Менковски
