Македонија

Ревизија: Пензискиот систем под притисок, потребни се итни реформи

09.04.2026 11:58

Буџетските трансфери за пензии растат, услугите за стари лица се минимални, а демографските проекции се алармантни – Државниот завод за ревизија предупредува дека без итни реформи, ќе се зголемат ризиците за јавните финансии и социјалната сигурност.

Пензискиот систем во земјава се соочува со сериозни предизвици, а грижата за старите лица е недоволно развиена, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за процесот на стареење на населението.

Ревизорите утврдиле дека иако институциите преземаат одредени мерки, тие не се доволни за долгорочна одржливост. Буџетските трансфери за пензии достигнале околу 690 милиони евра во 2024 година, а се очекува дополнително зголемување во 2025, што претставува значителен товар за државниот буџет.

Според извештајот, првиот пензиски столб континуирано работи со дефицит, бидејќи приходите од придонеси не ги покриваат расходите, па разликата се надоместува со буџетски средства. Истовремено, растот на пензиите не е проследен со раст на платите и вработеноста.

Дополнителен проблем е демографската слика. Проекциите покажуваат дека до 2055 година, лицата над 65 години ќе сочинуваат над една третина од населението, додека работоспособното население ќе се намали за околу половина милион луѓе.

Ревизијата укажува и на сериозни слабости во системот за грижа за старите лица. Услугите за долготрајна нега се достапни за помалку од 1 отсто од граѓаните над 65 години, а во 31 општина воопшто не постојат. Домовите за стари лица имаат ограничени капацитети, а најголемиот дел од грижата паѓа на семејствата.

Државата веќе неколку години нема активна стратегија за стари лица, што дополнително ја отежнува координацијата и планирањето на политиките во оваа област.

Ревизорите предупредуваат дека без навремени и координирани структурни реформи – како зголемување на возраста за пензионирање, прилагодување на придонесите и проширување на услугите за нега – ризиците за јавните финансии и социјалната сигурност ќе продолжат да растат во наредните децении.