Екипажот на мисијата Артемис 2 се подготвува за враќање на Земјата
НАСА ги објави најновите детали за утрешното слетување на „Артемис II“ во Тихиот Океан, откако екипажот на 6-ти април направи прелет околу Месечината и постави рекорд за најголемо оддалечување на луѓе од Земјата.

НАСА ги објави најновите детали за утрешното слетување на „Артемис II“ во Тихиот Океан, откако екипажот на 6-ти април направи прелет околу Месечината и постави рекорд за најголемо оддалечување на луѓе од Земјата.
Екипажот се очекува да слета кај брегот на Сан Диего, по што ќе следи спасувачка операција – нуркачите ќе ја обезбедат капсулата „Орион“, а астронаутите ќе бидат пренесени на брод и медицински прегледани во рок од два часа. По десетдневната мисија, екипажот се враќа со, како што велат, незамисливи впечатоци, во прва ваква мисија на НАСА по 1972 година.
„Нуркачите ќе пристапат кон Орион и ќе спроведат проценки на воздухот и водата по што ќе му се помогне на екипажот да излезе, откако ќе се осигурат дека областа е безбедна. Очекуваме да го собереме екипажот и да го доставиме до медицинскиот оддел во рок од два часа по слетувањето“, рече Лилијана Виљареал, директорка за слетување и закрепнување на „Артемис II“.
„Видовме извонредни работи, работи што очекував да ги видиме, но и нешта што никогаш не сум ги ни замислувал. Сепак тоа не ја промени мојата перспектива со која започнав, а тоа е дека живееме на кревка планета, во вакуумот и празнината на вселената. Имаме голема среќа што живееме на планетата Земја и сфатив дека нашата цел на планетата како луѓе е да најдеме радост и да се воздигнуваме едни со други преку создавање решенија заедно, наместо уништување“, изјави Џереми Хансен, астронаут од Канадската вселенска агенција.
