Ставрески: Над 29.000 граѓани пријавени за отпис на долговите
Поднесувањето барања за отпис на долговите почна на 18 август, а крајниот рок е 13 октомври до 16 часот и 30 минути...

Над 29.000 граѓани се пријавиле за отпис на долговите. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески оценува дека проектот се одвива одлично.
„Одлично оди проектот. Засега имаме над 29 илјади барања од граѓаните и од прилика сме екаде на средина на периодот што е за аплицирање. Граѓаните масовно се одѕваа“, вели министерот Ставрески.
Поднесувањето барања за отпис на долговите почна на 18 август, а крајниот рок е 13 октомври до 16 часот и 30 минути.
„Очекувам дека како се приближува крајниот рок и сите други ќе ги соберат документите што се основни и ќе ги посетат центрите за социјални работи и на тој начин ќе го искористат ова право и оваа можност еднократно да им се отпишат долговите на примателите на социјална помош, невработените и лицата што имале смртен случај или инвалидитет во семејството и поради тоа не можат да ги исплаќаат обврските“, додаде Ставрески.
Преку оваа мерка на Владата, ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио дифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.
