„Артемис 2“ утре слетува на Земјата
НАСА најави историско слетување на „Артемис 2“ во Тихиот Океан по успешниот прелет околу Месечината и рекордната оддалеченост од Земјата. Екипажот утре ќе слета кај Сан Диего, по што следи брза спасувачка операција и медицински прегледи. Мисијата претставува клучен чекор кон идните планови за човечко враќање на Месечината и изградба на база, со цел ново слетување во близина на јужниот пол до 2028 година.

НАСА ги објави најновите детали за утрешното слетување на „Артемис 2“ во Тихи Океан, откако екипажот на 6-ти април направи прелет околу месечината и постави рекорд за најголемо оддалечување на луѓе од земјата.
Екипажот се очекува да слета кај брегот на Сан Диего, по што ќе следува спасувачка операција-нуркачи ќе ја обезбедат капсулата „Орион“, а астронаутите ќе бидат пренесени на брод и медицински прегледани во рок од два часа.
„Нуркачите ќе пристапат кон Орион и ќе спроведат проценки на воздухот и водата по што ќе му се помогне на екипажот да излезе, откако ќе се осигурат дека областа е безбедна. Очекуваме да го собереме екипажот и да го доставиме до медицинскиот оддел во рок од два часа по слетувањето“, изјави Лилијана Виљареал, директорка за слетување и закрепнување на „Артемис 2“.
По десетдневната мисија, екипажот се враќа со, како што велат, незамисливи впечатоци, во прва ваква мисија на НАСА по 1972-ра година.
„Видовме извонредни работи, работи што очекував да ги видиме, но и нешта што никогаш не сум ги ни замислувал. Сепак тоа не ја промени мојата перспектива со која започнав, а тоа е дека живееме на кревка планета, во вакуумот и празнината на вселената. Имаме голема среќа што живееме на планетата Земја и сфатив дека нашата цел на планетата како луѓе е да најдеме радост и да се воздигнуваме едни со други преку создавање решенија заедно, наместо уништување“, рече Џереми Хансен, астронаут од Канадската вселенска агенција.
Ова е првиот чекор во плановите на НАСА за база на Месечината и слетување на двајца астронаути во близина на јужниот пол во 2028 година.
Катерина Бојаџиева
