Свет

Либан под оган, примирјето под закана на Блискиот Исток

09.04.2026 18:09

Израел со жесток напад во Либан го доведе во прашање примирјето меѓу САД и Иран. Стотици жртви и осуди за нападите. Иранската револуционерна гарда го затвори Ормускиот теснец. Меѓународниот притисок расте. Конфузија и спротивставени тврдења – дали Либан бил дел од договорот. Во меѓувреме, САД и Иран се подготвуваат за мировни преговори во Исламабад викендов...

Израел изврши жесток напад врз Хезболах во Либан доведувајќи го во прашање кревкото примирје меѓу САД и Иран. Речиси 200 луѓе загинаа, стотици се повредени. Тел Авив и Вашингтон тврдат дека Либан не е вклучен во договорот за прекин на огнот, Иран и Хезболах велат поинаку.

„Со години, Хезболах се кријат зад жителите на Либан и ги користат како човечки штит. Ќе продолжиме да ги напаѓаме, а ако треба ќе се вратиме и на Иран“, изјави Бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

„Либан е дел од овој договор. Ова е деклариран став, нема толкување или шпекулации“, изјави Ибрахим ал-Мусави, пратеник на Хезболах.

„САД мора да изберат – прекин на огнот или продолжување на војната преку Израел. Не може да ги има и двете. Светот ги гледа масакрите во Либан. Топката е во дворот на САД“, објави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Иран тврди дека го затворил Ормускиот теснец и најави одговор ако нападите во Либан продолжат. Белата куќа ги отфрли тврдењата како лажни. Меѓународните реакции растат.

„Ги осудуваме овие напади најостро. Тие претставуваат директна закана за одржливоста на прекинот на огнот. Либан мора целосно да биде опфатен со него“, објави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Сакаме да видиме повторно отворањето на Ормускиот теснец, тоа е клучно за глобалната економија и сакаме да го видиме примирјето проширено на Либан. Длабоко сум загрижена поради ескалацијата на нападите што ги видовме“, изјави Ивет Купер, министерка за надворешни работи на Обединетото Кралство.

„Остро ги осудуваме нападите и повикуваме на почитување на примирјето. Сега е време да се продолжат разговорите и да се работи кон долгорочно решение за конфликтот. Не постои воено решение“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на генералниот секретар на ООН.

Преговорите меѓу САД и Иран ќе се одржат в сабота во Исламабад. Од Вашингтон велат дека договорот е во добра позиција и предупредуваат на последици ако Иран ги прекрши условите. Трамп порача дека војската ќе остане „на место“ до целосно постигнување на договор со Техеран.

„Тие го отвораат теснецот. Имаме прекин на огнот. И искрено, ако го прекршат својот дел од договорот, ќе бидат сведоци на сериозни последици“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.

„Ако од која било причина не се исполни, што е многу малку веројатно, тогаш „Пукањето започнува“, поголемо и посилно од било кога досега. Беше договорено, одамна, и покрај целата лажна реторика за спротивното – НЕМА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ и Ормускиот теснец ќе биде отворен и безбеден“, објави Доналд Трамп, претседател на САД

Во меѓувреме, Трамп изрази разочарување од НАТО на средбата со генералниот секретар Руте, поради војната со Иран, оценувајќи дека алијансата потфрлила, додека Руте порача дека мнозинството сојузници сепак помогнале. Британскиот премиер Стармер ја почна дипломатската турнеја во Персискиот Залив за поддршка на примирјето.

 

Бојана Крстевски