Анализа на ЦГК

Коруптивни ризици во тендерите во здравството, речиси секоја втора жалба оправдана

09.04.2026 18:17

Евалуацијата на понудите е најризичната фаза во јавните набавки во здравството, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, според кое во 42 отсто од случаите Комисијата утврдила неправилности.

Во дури 71 отсто од жалбите поднесени од фирмите се оспорува изборот на најповолна понуда, што укажува дека токму евалуацијата е клучната точка каде се појавуваат нерегуларности и ризици од фаворизирање, покажува најновото истражување на Центар за граѓански комуникации.

Анализата посочува дека здравствените институции често ги оценуваат понудите непрецизно и со невоедначени критериуми, при што се избираат и понуди што не ги исполнуваат условите од тендерската документација. Дополнителен проблем се нејасно дефинираните барања за документација за увоз и промет на лекови, што отвора простор за субјективно постапување.

Истражувањето нотира и случаи на поставување несоодветни или селективни технички критериуми, како и нивно менување во текот на постапката – пракса што создава услови за фаворизирање одредени компании и генерира коруптивни ризици.

Податоците покажуваат дека Државната комисија за жалби усвоила 42 проценти од поднесените жалби, односно во речиси секој втор случај се утврдени неправилности. Сепак, дел од здравствените институции не ги спроведуваат одлуките на Комисијата, што го нарушува принципот на законитост и правна сигурност.

И покрај тоа, процентот на обжалени тендери во здравството е само 1,95 отсто – помалку од и онака ниските 3 проценти на национално ниво. Ова, според ЦГК, укажува дека механизмите за правна заштита не се користат доволно, а институциите не се под доволен надворешен притисок да ги почитуваат правилата.