Направени токсиколошки анализи на починатите во „Пулс“, резултатите ќе се откријат на суд
Родители на деца што загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани дојдоа во Институтот за судска медицина во Скопје со барање за одговори за токсиколошките анализи од обдукцијата на телата на жртвите. Директорот Александар Станков по средбата со нив изјави дека сè што било побарано по трагичниот настан било завршено и дека доказите ќе бидат јавно презентирани во текот на судската постапка.

Родителите на загинатите во кочанската дискотека „Пулс“ при денешната посета на Институтот за судска медицина не добија одговор, дали цијанидни соединенија се причина за смртта на нивните деца, но од првиот човек на институцијата добиле уверување дека се направени и сите токсиколошки анализи.
Родителите се сомневаа дека надлежните ги направиле сите испитувања при обдукција, но и дека повеќе од една година се кријат од нив сознанијата што ги добиле.
Што е констатирано при обдукцијата, родителите и јавноста ќе слушнат на судските рочишта.
Родителите на загинатите во кочанската дискотека продолжуваат да ја чекаат правдата од судењето на обвинетите за пожарот во „Пулс“ во којашто загинаа 63 лица а повеќе од 200 беа повредени.
Наташа Јанчиќ – Менковски
