Здравство

Дијабетичарите со месеци се без терапија

09.04.2026 13:50

Асоцијацијата на дијабетичари алармира за сериозен и продолжен недостиг на терапија, ленти за мерење шеќер и сензори што ја отежнува состојбата на пациентите. Од Министерството за здравство велат дека во аптеките веќе ги има потребните лекови.

Дијабетичарите во земјава со месеци се соочуваат со недостиг од лекови, ленти за мерење шеќер и со сензори, што сериозно им ја отежнува состојбата. Многумина се принудени да ги купуваат од свој џеб или меѓусебно да позајмуваат. Недостигот од лекови велат го зголемува ризикот од компликации кај дијабетичарите и бараат од надлежните да ја забрзаат достапноста.

„Веќе подолг период, околу 6-7 месеци имаме сериозен недостиг на антидијабетна терапија, а последниве два месеци има и на ленти, глукомери. Согласно информациите отпочната е дистрибуцијата, но апелираме министерството за здравство да ја забрза дистрибуцијата до сите 40 илјади пациенти заедно со компанијата што го доби тендерот“, изјави Димче Велев – претседател на Асоцијацијата на дијабетичари.

Од Министерството за здравство пак, велат антидијабетната терапија ја има во инсулинските аптеки, додека за сензорите јавната набавка е во тек.

„Од минатиот месец во сите инсулински аптеки, доставени се најсовремени глукомери и ленти за мерење гликемија. Во однос на сензорите за континуирано следење на гликемија, во тек е јавна набавка и обезбедено е дополнително количество за 150 пациенти. Согласно со законските процедури за јавната набавка, во моментот течат административните рокови за жалба“, велат од Министерството за здравство.

Малкуте лекови сензори се долгогодишен проблем на дијабетичарите. Фондот за здравство најави дека од идната година ќе воведе референтни цени во аптеките, што би им овозможило на пациентите сами да си ги подигнуваат.

Андријана Ѓурческа