Европска комисија

Утре стартува системот влез и излез за патување во ЕУ

09.04.2026 16:28

Европската комисија потврди системот за влез и излез од утре станува целосно оперативен на сите надворешни граници на ЕУ. Сите патници што доаѓаат од земја што не е дел од ЕУ ќе мора да ги остават своите биометриски податоци, фото и отпечатоци од прсти во системот. Од Брисел велат има технички проблеми со системот кај некои земји членки за што до есен ќе дозволуваат негово делумно суспендирање во случај на предолги чекања на границите.

Од 10 април системот за влез и излез станува оперативен на сите граници на ЕУ. За сите патници што не се државјани на земја на Унијата, задолжително е собирање биометриски податоци, фото и отпечатоци од прсти. Подготвителната фаза покажала дека некои земји членки сè уште имаат технички проблеми со системот и поради тоа можно е на некои граници каде што има предолги чекања да се примени делумно суспендирање на системот без собирање на биометриските податоци.

„Утре системот за влез и излез ќе биде целосно применет. Кога системот функционира добро, потребни се само 17 секунди за регистрација на влез или излез. Свесни сме дека и покрај усвоениот рок неколку земји членки имаат технички проблеми. Во контакт сме со нив и споделуваме најдобри практики. Може да потврдиме дека системот препознава флексибилност кога има метеж на границите особено во лето кога се очекува зголемен број на движења. На пример, земјите членки можат да го суспендираат регистрирањето на биометриските податоци во случај на предолго чекање. Оваа можност ќе постои до септември.“, изјави Аријана Подеста-портпаролка на Европската комисија.

Системот не важи за патување во Ирска и Кипар. Патниците со биометриски пасоши сами ќе може да ги скенираат пасошите на граничниот премин во ЕУ на систем за самопослужување. За побрзо завршување на регистрирањето на системот за влез и излез може да се користи мобилна апликација „Патување во Европа“ што овозможува на луѓето однапред да ги регистрираат своите податоци и фото од лицето 72 часа пред да стигнат на граничниот премин. Засега само во Шведска и Португалија.

 

Ирина Гелевска