Ормускиот теснец отворен, но има технички ограничувања, тврди Техеран
Израел со жесток напад во Либан го доведе во прашање примирјето меѓу САД и Иран. Стотици жртви и повредени. Конфузија и спротивставени тврдења – дали Либан бил дел од договорот? Техеран тврди дека Ормускиот теснец е отворен, но постојат технички ограничувања. САД и Иран се подготвуваат за мировни преговори во Исламабад викендов.

Кревкото примирје меѓу САД и Иран доведено во прашање. Израел изврши жесток напад врз Хезболах во Либан. Над 200 луѓе загинаа, стотици се повредени. Либанскиот премиер со жалба до ООН.
„Оваа опасна ескалација доаѓа во спротивност со сите меѓународни и регионални напори за завршување на војната во регионот и очигледно ги занемарува принципите на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право“, изјави Наваф Салам, премиер на Либан.
Тел Авив и Вашингтон тврдат дека Либан не е вклучен во двонеделниот договорот за прекин на огнот, Иран и Хезболах велат поинаку. Нетанјаху одобри директни преговори со Либан, што е можно поскоро.
„Операцијата „Вечна темнина“ беше многу силен удар врз Хезболах. Терористичката организација очајно бара прекин на огнот, а нејзините ирански покровители исто така вршат притисок и упатуваат закани“, рече Израел Кац, министер за одбрана на Израел.
Ормускиот теснец е отворен, но постојат технички ограничувања, велат во Техеран. Бродовите мора да побараат насоки од иранските власти за безбедно минување.
„Мора да бидеме многу внимателни за безбедноста на танкерите и бродовите. Овие технички ограничувања се многу поврзани со воената состојба и потребно е време да се отстранат, за да се обезбеди безбеден премин“, истакна Саид Хатибзаде, заменик-министер за надворешни работи на Иран.
Преговорите меѓу САД и Иран ќе се одржат в сабота во Исламабад. Вашингтон предупреди за последиците ако Техеран ги прекрши условите, Трамп порача дека војската ќе остане „на место“ до целосно постигнување на договор.
„Тие го отвораат теснецот. Имаме прекин на огнот. И искрено, ако го прекршат својот дел од договорот, ќе бидат сведоци на сериозни последици“, рече Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.
Шефот на Белата Куќа изрази разочарување од НАТО на средбата со генералниот секретар Руте, поради војната со Иран, оценувајќи дека алијансата потфрлила. Секретарот Руте порача дека мнозинството сојузници сепак помогнале. Британскиот премиер Стармер во дипломатска турнеја во Персискиот Залив за поддршка на примирјето.
Маријана Димовска
