Во Исламабад клучни преговори меѓу САД и Иран за крај на војната
Исламабад под засилени мерки пред клучните разговори меѓу САД и Иран за крај на војната. Продолжените борби и спорниот статус на Либан во кревкото примирје создаваат тензии пред закажаните мировни преговори. Шефот на Белата куќа и врховниот лидер Хамнеи преку медиумите си разменија закани и ставови за Ормускиот теснец. Демократите бараат Трамп да си замине од функцијата по упатените закани за Техеран на социјалните мрежи.

Очите на светската јавност вперени кон Пакистан. Исламабад е домаќин на клучните разговори за крај на војната на Блискиот исток. Примирјето меѓу САД и Иран и натаму на стаклени нозе. Со објави во медиумите двете страни си разменуваат директни закани и можни сценарија доколку преговорите не успеат. Претседателот Трамп вели дека Техеран многу лошо ја врши работата во управувањето со Ормускиот теснец, каде што минуваат 20 насто од светската нафта.
„Постојат извештаи дека Иран наплаќа такси за танкерите што минуваат низ Ормускиот теснец – подобро да не наплаќаат, а ако наплаќаат, подобро да престанат сега!“, објави претседателот на САД, Доналд Трамп.
Врховниот лидер Моџтаба Хамнеи соопшти дека Иран ќе го подигне управувањето со теснецот на нова фаза, без да наведува детали.
„Влегуваме во нова ера со управувањето со Ормускиот теснец. Ние не баравме и не бараме војна, но нема да се откажеме од нашите законски права на никаков начин, и затоа ги сметаме сите фронтови на отпор како еден. Во исто време, им велам на јужните соседи дека сте сведоци на чудо. Затоа, гледајте правилно и разбирајте правилно, застанете на вистинското место и бидете сомничави кон лажните ветувања на ѓаволите“, објави врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи.
Израелскиот премиер наложи директни разговори со либанските власти, а во исто време војската издаде наредби за евакуација за делови од Бејрут, ден откако во напади загинаа над 300 лица, а повеќе од илјада повредени.
„Израел е посилен од кога било, Иран е послаб од кога било. Веќе донесов четири мировни договори со арапските држави и имам намера да донесам уште. Вистински мир, мир преку сила“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Шефот на Белата Куќа се соочува со критики од демократите кои бараат негово отстранување од функцијата по заканите за Иран упатени на социјалните мрежи.
„Заканите за целосно уништување беа надвор од границите. Време е Конгресот да интервенира и да ја преземе контролата врз тркалото“, рече Глен Ајви, демократ од Мериленд.
„Сите наши канцеларии добија стотици повици од загрижени избирачи кои бараат Конгресот повторно да се состане и да се справи со оваа закана преку резолуција за воени овластувања и понатамошни мерки за зауздување на претседателот кој е надвор од контрола“, нагласи Мери Геј Сканлон, демократ од Пенсилванија.
„Не можеме да го оправдаме она што го кажа претседателот како преговарачка тактика. Заканата со геноцид не е преговарачка тактика“, изјави Сара Џејкобс, демократ од Калифорнија.
Светот се соочува со економски штети од војната во Иран. Глобалниот економски раст ќе биде помал од очекуваното, ММФ објави дека ќе ја намали прогнозата за глобалниот економски раст поради шоковите од борбите на Блискиот Исток.
Маријана Димовска
