ЕЕС систем

ЕУ го активира системот за електронска контрола на влез и излез на границите

10.04.2026 09:38

Од денеска целосно стапува во функција новиот систем на Европската Унија за евиденција на патници, со кој се воведува дигитализирана контрола на влез и излез. Се очекува подолго задржување на границите.

Системот за влез во Европската Унија (EES – Entry/Exit System) од денеска станува целосно оперативен и ќе ги регистрира сите странски државјани што ги преминуваат надворешните граници на ЕУ преку копнени премини, пристаништа и аеродроми.

Со овој систем се воведува нов, дигитализиран начин на евиденција и контрола за патниците од земји што не се членки на Унијата и патуваат за краткорочен престој. Влезовите и излезите ќе се бележат електронски, а ќе се обработуваат и биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија.

Целта е побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој, согласно правилото 90 дена во период од 180 дена. Сепак, се очекува новите процедури да го зголемат времето на задржување на граничните премини.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземени сите неопходни мерки за непречен проток на патници, со целосно ангажирање на техничките и човечките ресурси.

Граничната полиција, како што наведуваат, ќе работи со засилено присуство на терен, ќе ја следи состојбата и ќе презема мерки за одржување на проточноста на сообраќајот, при што граѓаните навремено ќе бидат информирани за сите новости.