Шкотска одлучува, Обединетото Кралство во исчекување!

17.09.2014 12:39

Според истражувањето на јавното мислење подржувачите на Унијата со Велика Британија се во водство за цели четири поени...

Последен ден од кампањата пред референдумот за независност на Шкотска. Ќе се гласа дали ќе остане во рамки на Обединетото Кралство, заедно со Англија, Велс и Северна Ирска, или пак да стане независна држава.

Според истражувањето на јавното мислење подржувачите на Унијата со Велика Британија се во водство за цели четири поени. Унионистите сметаат дека независноста би го растурила Обединетото Кралство, што би резултирало со економска, финансиска и политичка несигурност. Подржувачите на независна Шкотска пак велат дека со отцепувањето би можела да биде побогата и поправедна држава.

„Ние сме поголеми заедно. Знаете, ние како народ често пати велиме ’за англичаните и шкотите е во ред да не се сакаат’, но ако некој трет не нападне се бориме заедно“, вели жител на Лондон.

„Ќе биде лошо за Шкотска ако стане независна, загрижена сум што се би можело да се случи. Не знаеме што ни носи иднината во таа независна држава“, изјави жителка од Ханон, Шкотска.

За сега ниту една од големите партии на Европарламентот не зазема став за незавосноста на Шкотска и можноста за членство во ЕУ. Европската комисија одбива да дава коментари за последиците и можниот нов статус на Шкотска.

И додека Европа тактизира, САД соопштија дека би сакале Велика Британија да остане силна, стабилна и обединета земја. Претседателот на Тексашкото националистичко движење, Даниел Милер, изјави дека ако Шкотска може да го направи тоа, тогаш може и Тексас, што според „Ројтерс“ е јасен сигнал за намерите на отцепувањето на Тексас од САД.

 

Маријана Димовска