Млад верник гради црква во кумановско
37-годишен кумановец со своите сожители, но и верници од регионот, иселениците гради свет храм. Сонот кој го започнал од тинејџерските години веќе го остварува. Некогаш запуштеното место, денес е сè повеќе посетено. Целта е зачувување на религијата, традицијата.

На околу пет километри од Куманово, во село Тромеѓа за неполни две години се изгради црква посветена на Свети Димитрија. 37 годишниот Иван Цветковски го оствари својот сон. Селото доби храм, а местото коешто до неодамна беше целосно напуштено, сега собира верници од сите краишта. Идејата за изградба на светото обележје, започнала од тинејџерските години. Целта е да се негува религијата, традицијата, духовните вредности. Да се пренесуваат обичаите на идните генерации. Некогашниот припадник на Армијата, специјалната единица, појаснува изградбата не била лесна. Но помош добил од верници, мештани на Тромеѓа, но и останатите градови, како и иселеници кои дале свој придонес. Секој помогнал колку што можел, со средства, материјали или доброволна работа.
„Празниот простор стануваше тесен, запуштен од трња, гранки, решивме да ги исчистиме да направиме езеро. Ставивме риби, потоа организиравме скокање по крстот за Водици. Тука се роди идеа покрај езерото да направиме и црква, многу дилеми имаше како да се вика. Бидејќи имаме горе црква свети Ѓорѓи, најмасовна слава е Митровден и Ѓурѓовден и затоа решивме да се вика Димитрија“-вели Иван.
Идејата била да се остави квалитетна и долготрајна градба. Затоа е изградена од камен и цигла. Во моментов сè уште се работи на фреските. Неопходни се и донации за да се заврши. Потоа планот е да се уредува дворот, но и изградат простории за трпезарија и соби, како и крстилница.
„Местово за разлика од 4-5 години е многу попосетено. Црквата има страница, презентираме слики луѓето гледаат и сакаат да го посетат местото. Привлекуваме големо внимание. Тука ергелава исто така почнува за млади членови, кои сакаат да се сликаат, јаваат коњи“, додава тој.
Дека изградбата на црквата го заживува местото потврдуваат и останатите жители. Се надеваат дека надлежните ќе го уредат патот којшто води до неа.
„Заживува ова место а се надевам дека во наредниот период уште подобро ќе биде. Почна народ да се собира овде за празници, Велигден, Богојавление тука се фрла крст во езерото“, дополни Зоран Богдановски, жител на Тромеѓа, кумановско.
„Се надеваме дека ќе има големо присуство на верници, ќе се зближи народот меѓу себе, ќе заживее она традиционално, старо. Неодржувано, сраснато, сега добива нов лик, сјај и така ќе продолжи и допрва ќе се гради уредува да личи навистина на православен храм кој е ретка градба во денешно време со овој стил“, изјави Оливер Апостоловски, жител на Тромеѓа, кумановско.
За изградбата добиле поддршка и од кумановско-осоговската епархија. Обезбедена е камбана, тешка над 300 килограми. Донирана е и оградата од соборниот храм Свети Никола. Овие жители и Иван и ќе продолжат да работат на нови инцијативи со кои ќе ја зачуваат верата, традицијата и културното наследство во кумановскиот крај. За нив е важно младите да не заборават кои се и од каде потекнуваат.
Во помалите места, верата и традицијата продолжуваат да се негуваат преку светите обележја. Тие не се само симбол на религијата, туку потсетник на идентитетот, заедништвото, сплотеноста.
Елена Георгиевска
