Санер Џемаили доби покана од Динамо Загреб
Талентот од Куманово се истакна со настапите во Македонија, по што хрватската академија го покани на тестирање и евалуација.

Уште еден голем чекор во развојниот пат на младиот талент од Куманово, Санер Џемаили. Фудбалерот кој настапува за фудбалската школа „Парк Сити“ од Скопје, доби покана од познатата хрватска академија на Динамо Загреб, една од најголемите средини за развој на таленти во регионот и најтрофејниот клуб во Хрватска.
Оваа покана доаѓа како резултат на многу добрите настапи на Џемаили со неговиот тим „Сити Парк“, каде што покажа голема зрелост во играта и покрај младата возраст. Централниот дефанзивец и дефанзивен играч за врска, роден на 27-ми април 2011-та година, се истакнува со сигурност во дуелите, добро читање на играта и способност да гради акции од заднина.
Стручниот штаб на хрватската академија внимателно го следел неговиот развој и по убедливите настапи одлучил да го покани на тестирање и понатамошна евалуација. Ова се смета за голема можност за талентот од Куманово, бидејќи академијата на Динамо Загреб е позната по создавање фудбалери кои подоцна градат кариера во најголемите европски клубови.
Џемаили и претходно се издвојуваше со ангажманот и дисциплината во работата, а инспирацијата ја наоѓа во играчи како Пепе и Николо Барела, додека е голем навивач на Интер од Милано. Поканата од Динамо Загреб претставува потврда за неговиот потенцијал и важен чекор кон остварување на сонот за професионална кариера.
Доколку продолжи со истото темпо на работа и развој, Санер Џемаили се очекува да биде име кое ќе се следи во наредните години, а оваа можност со хрватската академија може да претставува почеток на ветувачки пат во меѓународниот фудбал.
