Македонија

Внимателно со храната по велигденскиот пост

10.04.2026 14:16

Граѓаните почнаа подготовки и пазарување за празничната трпеза. Покрај велигденските јајца, јагнешкото и погачата дел од традицијата. Нутриционистите предупредуваат, верниците кои седум седмици постеле, да внимаваат со консумирање мрсна храна. Искуствата покажуваат по велигденскиот ручек дел од нив бараат лекарска помош.

Граѓаните почнаа да ја подготвуваат велигденската трпеза. Традиционално ќе изобилува со јајца и со масна храна. Нутриционистите предупредуваат, оние кои го практикувале седумнеделниот пост, особено да бидат внимателни. Дијабетичарите и луѓето со стомачни мачнини, постепено да внесуваат храна, за да не дојде до влошување на нивната хронична состојба. Јајца да се изедат, колку што се консумира вообичаено.

„Нашиот организам намалил со лачење на некои желудочни сокови за варење на храната што значи дека оброците треба да бидат едноставни, второто правило е да останеме вооброчени, односно да застанеме на три оброци, да не се сведе на постојано внесување на храна, затоа што немаме капацитет за тоа. Треба да внимаваме и со велигденските јајца и со другата протеинска храна да бидат безбедни за да не влеземе во процес на труење којшто за жал секоја година го имаме“, изјави Надица Илиевска – нутриционист.

Возраста и здравствените проблеми на дел од граѓаните не им дозволуваат да пробаат од сè што им нуди трпезата – велат внимаваат и по долгиот велигденски пост.

„Организмот е испостен и ако одеднаш се внесе масна храна ќе има проблеми со преработка на таа храна.“

„Да не претераме и во тоа затоа што веднаш со јагнешко и со мрсно да не имаме проблеми, водиме сметка.“

„Јадам лесна храна и понатаму па постепено почнувам да јадам помрсна.“

„Јас со шеќерот не смеам да јадам многу благо, некој има проблем со маснотиите, мора да внимаваме заради нашето здравје.“

„А мораме да подготвуваме, децата ќе ни дојдат на гости, јагнешко, јајца, торта ама внимаваме“ – велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Искуствата од минатите години покажуваат дека првите пациенти поради прејадување, во болница завршуваат веднаш после велигденскиот ручек.

За да уживаме во празничните денови единствен услов е да сме во добро здравје. Лекарите со апел до хронично болните, да внимаваат колку и каква храна консумираат и да не претеруваат со алкохолот.

Андријана Ѓурческа