Путин најави примирје, Зеленски прифати
Русија и Украина се согласија на велигденско примирје. Путин им наредил на руските трупи да го запрат огнот, но предупреди ако има провокации ќе има агресивни дејствија. Зеленски инсистира на продолжување на трилатералните разговори Вашингтон-Москва-Киев за крај на војната.

За Велигден молк на оружјето во Украина. Рускиот претседател Путин нареди запирање на нападите од утре попладне, се до крајот на големиот христијански празник. На армијата и е наредено да ги запре непријателствата во сите правци, но предупреди дека трупите се подготвени да се спротивстават на какви било можни провокации и агресивни дејствија.
Украинскиот претседател сигнализираше подготвеност за примирје, истакнувајќи дека Украина повеќепати сугерирала запирање на воените дејствија за велигденските празници и оти Киев ќе постапува соодветно. Сепак, Зеленски инсистира на продолжување на трилатералните разговори Вашингтон-Москва-Киев кои поради војната на Блискиот Исток беа стопирани, а кои треба да доведат до траен мир во Украина. Соопшти дека во моментов се работи на прецизирање на прашањето за безбедносните гаранции за Украина.
„Сè уште има некои отворени прашања: како да се финансира украинската армија по завршувањето на војната, како да се добијат системи за воздушна одбрана кои се клучни и за европските земји и за земјите од Блискиот Исток, и најтешкото прашање – реакцијата на Соединетите Американски Држави на обновената агресија од Русија, доколку се случи таква агресија“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во пресрет на најавеното примирје, Русија изврши жестоки напади во неколку украински региони. Во нападот со беспилотни летала во регионот Суми, неколку лица се ранети. Оштетена е станбена зграда, а десетици автомобили беа во пламен. Руски дронови ги вознемирија и жителите на Одеса. Цел на нападот беше пристаништето и енергетската инфраструктура на градот. Стотици домаќинства во јужниот дел од Одеса останаа без електрична енергија.
Маја Стојанова
