Охрид исполнет со туристи за продолжениот празничен викенд
Охрид полн со туристи за Велигденските празници. Продолжениот викенд донесе раздвиженост во градот, а црковните храмови се полни со верници, но и гости од различни вери и националности.

Охрид деновиве дише во духот на Велигден. Додека молитвите одекнуваат од древните храмови, улиците се исполнети со туристи кои доаѓаат да ја почувствуваат празничната магија на „Балканскиот Ерусалим“.
Градот е исполнет со гости, најбројни се домашните, од соседството, но има групи и од европските и азиските земји. Духовната атмосфера ги обединува и верниците и туристите од различни вери и националности, кои Велигден го доживуваат на посебен начин.
„Таа магија ја има некако во воздухот, претходно луѓето ги подготвиле домовите, исчистиле, се подготвуваат свечени јадења, во ред и тие ни се потребни и тоа е дел од тој убав ден, но ќе ја потенцирам духовноста пораката е да се сакаме, да веруваме, да се љубиме и да простуваме“, вели Данче Матова, историчар на уметност.
„Поготово за верските празници се знае како се одбележуваат и не треба дополнителни активности доволно е тоа што празниците ги одбележуваме во склоп на верата, традицијата и нема што да се збогати. Доволно е да дојдат да ги посетат нашите храмови да присуствуваат на некоја од црковните литургии што се одржуваат“, вели Јаким Маленко, туристички работник.
Покрај посетата на вековните храмови, туристите го користат престојот за прошетки крај езерото, запознавање со културно-историските знаменитости и уживање во локалните кафулиња и ресторани.
Охрид, традиционално за Велигден е дестинација која со бројните древни светилишта нуди уникатно духовно и културно искуство.
Соња Рилковска
