Цените на нафтата нестабилни, горивата кај нас и натаму пониски од просекот
И покрај смирувањето на геополитичките тензии, пазарот на нафта останува неизвесен – цените растат во Европа, додека во Македонија засега се задржуваат под европскиот просек.

На светските берзи по најавите за примирје на Блискиот Исток, цените на нафтените деривати сè уште се под сто долари за барел, но движењата не се праволиниски, владее неизвесност, пазарот останува чувствителен на геополитичките вести.
Цените на горивата во Европа пораснаа за околу 15 проценти, дизелот се зголеми за речиси 30 насто според најновиот неделен билтен, најскап е во Холандија 2,46 евра за литар.
Новите цени на горивата во Македонија и понатаму остануваат пониски од европскиот просек. Освен во пограничните региони, нема забележително зголемување на потрошувачка на нафтените деривати.
На бензинските пумпи Еуросупер БС-95 чини 83,50 денари за литар, Еуросупер БС-98 чини 85,50 денари, а Еуродизелот 98 денари за литар. Граѓаните не ги менуваат своите навики, точат гориво колку им е потребно. Сепак поскапувањето ги загрижува.
Останува навиката на дел од соседите да точат поевтино гориво на нашите погранични бензински пумпи, бидејќи литар гориво кај нив е со повисока цена. Во Бугарија бензинот се продава за 1,144 евра за литар, дизелот за 1,61. Во Србија се движи околу 1,82, во Грција за литар гориво се плаќа над две евра.
Од Владата уверуваат дека нема потреба од паника, резервите се на стабилно ниво.
Иако во моментот има смирување на пазарите, експертите предупредуваат дека цените и натаму ќе бидат под притисок на флуктуации.
Марина Стојанова-Тонева
