Велигденската трпеза поскромна, граѓаните го чувствуваат растот на цените
Во пресрет на Велигден, купувачите внимателно планираат – храната поскапува, јагнешкото надминува 700 денари за килограм. Владата најавува можни мерки по празниците.

Граѓаните се подготвуваат за велигденската трпеза. Колку ќе биде богата зависи од семејниот буџет. Велат, го чувствуваат секојдневниот раст на цените. Најмногу се купува месо, зеленчук и јајца, табла чини околу 400 денари.
Традиционално на празничниот ручек е и јагнешкото месо, килограм чини околу 700 денари. Во помали количини, поскромно, но во рамки на традицијата, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Кризата на Блискиот Исток удри по основните прехранбени производи, со акцент на маслото и шеќерот кои зависат од берзите.
Македонија е увозно зависна, цената на суровините расте, засега нема поголеми поскапувања во малопродажба. Но, производителите велат дека се во постојана неизвеснот.
Инспекторите се на терен, ловат нефер трговски практики. Во вторник на владина седница ќе се знае какви мерки ќе бидат донесени и кон која категорија граѓани ќе бидат таргетирани.
По празниците се очекува Владата да ги намали цените на дел од прехранбените производи.
Ана Јосифоска
