Симон Трпчески со нов оркестарски компакт- диск

17.09.2014 12:55

Во пресрет на својот утрешен концерт во Mосква, нашиот пијаниост од светски глас Симон Трпчески деновиве му се израдува на својот трет оркестарски компакт-диск, повторно со Kралскиот ливерпулски филхармониски оркестар и неговиот шеф-диригент Василиј Петренко...

Победничкиот тим за издавачката куќа „Оникс“ го издаде своето најново це-де на кое тие ги изведуваат Концертите за пијано и оркестар број 1 и 2 од Петар Илич Чајковски.

Мислам дека одговорноста е исклучително голема кога се работи за снимање на едно толку популарно дело какво што е Првиот концерт на Чајковски, додека Вториот е помалку изведуван, но не и помалку вреден. Навистина сметам дека вложивме многу труд и љубов и таа емоционална димензија може да се почувствува на цедето и барем јас се надевам дека слушателите ќе можат да ја почувствуваат и ги чекам нивните реакции“, изјави Симон Трпчески.

Како солист на Младинскиот оркестар на Европската унија, Трпчески под диригентската палка токму на Василиј Петренко настапи во Италија, Австрија и Холандија, а концертот во познатата сала „Концертгебау“ во Амстердам беше само еден од тие кои директно беа пренесувани на интернет.

Големиот интерес да се проследи настап во живо на нашиот виртуоз резултираше со преноси со слика и звук и од концертите на отворањето на сезоната на Филхармонискиот оркестар на Осло во норвешката престолнина, како и на првиот од концертите на Трпчески со Рускиот национален оркестар под диригентската палка на легендарниот Михаил Плетњев во концертната сала „Чајковски“ во Москва на Денот на македонската независност.

Утревечер на својот 35-ти роденден, Трпчески повторно ќе концертира во истата сала во руската престолнина, со врвниот Руски национален оркестар под палката на украинскиот диригент Кирил Карабиц, изведувајќи го Концертот број 3 за пијано и оркестар на Прокофјев.