Прејадување

Внимателно со исхраната по долгиот пост

11.04.2026 13:30

По долгите денови на пост, велигденската трпеза за многумина значи изобилство од мрсна храна. Но, лекарите предупредуваат – наглата промена во исхраната може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Нутриционистите советуваат на умереност и постепеност во внесувањето на намирници од животинско потекло. Прејадувањето, и комбинацијата на различна храна и алкохолни пијалаци, може да предизвика проблеми и кај оние што постат, но и кај оние што не постат. Потребни се неколку денови, за да се вратиме на вообичаениот режим на исхрана …

Велигденската трпеза е вистинска радост за секое семејство, но по неколкунеделниот пост, може да биде и вистински предизвик за организмот. Традиционални јадења, јајца, месо, слатки, и друг калорични специјалитет, во големи количини и во краток временски интервал, можат да бидат сериозен шок на организмот. Од итната медицинска помош апелираат, на внимателност. По завршувањето на постите, вообичаено за се зголемува и бројот на пациенти, како резултат од прејадување. Особено да внимаваат лицата со висок крвен притисок, срцеви заболувања и проблеми со желудникот.

За време на постите, дигестивниот систем се прилагодува на поинаков режим на храна. Враќањето на тешка, масна и обилна храна во краток временски период често резултира со прејадување. Дополнителен ризик претставува и комбинирањето на различни видови храна – за да нема последици врз здравјето-нутриционистите советуваат – постепено воведување на мрсната храна, а не нагло прејадување. Според нив, првиот ден треба да се започне со полесен оброк – варено јајце, малку месо и многу зеленчук. Претерувањето, велат, може да предизвика проблеми и кај луѓе со хронични заболувања, но и кај здравите лица.

Дополнително, кратка прошетка по оброкот може значително да помогне за подобра дигестија и да го намали чувството на тежина.

Празничната трпеза носи радост, но и ризици по здравјето. Пораката од стручните лица е јасна: умереноста е клучна!-празниците да се слават со радост, но и со грижа за сопственото здравје.

Александра Максимовска