Охрид

Охрид полн со туристи за продолжениот викенд

11.04.2026 18:40

Во духот на празничните денови, Охрид деновиве е исполнет со туристи кои ги откриваат приказните од древните светилишта, музеите и богатото културно наследство. Посетителите уживаат во прошетките низ стариот дел на градот, езерските панорами, локалните кафулиња и ресторани.

Меѓу древните цркви и камените улици, туристите го откриваат она што не се раскажува, туку се доживува. За Велигден, Охрид е катче каде минатото и сегашноста се спојуваат во едно.

Најголем впечаток на бројните посетители оставаат вековните приказни, кои извираат од исконските светилишта и богатото културно наследство.

„Доаѓам од Германија. Многу ми се допаѓа. Тука сме три дена. Имајте среќни велигденски празници“, порачуваат посетители.

„Доаѓаме од Германија и многу е убаво овде. Големо задоволство е да се биде во Македонија бидејќи претходно не знаев многу за Балканот, но научив многу со ова патување. Посетивме стари цркви, видовме уникатни фрески“, велат анкетираните гости.

Празничната атмосфера се чувствува на секој чекор – низ калдрмите на стариот дел, покрај црквите, музеите, но и долж езерото. Особено атрактивни се панорамските прошетки по езерската шир.

„Ние овде главно им нудиме кратки релации – стар дел на град, Титова резиденција и назад, а има интересирање и за Св. Наум. Обично се интересираат за Калето, црквата Свети Јован, Света Софија и многу значајни места кои се тука во градот“, вели Зоран Ангелески, сопственик на туристички брод.

Празничната слика ја надополни и хуманоста на Велигденскиот базар, кој ги обедини граѓаните и гостите во духот на солидарноста.

„Да покажеме уште еднаш дека сме хумани во духот на големиот празник Велигден, токму хуманоста, солидарноста – да помогнеме еден на друг, заеднички, сплотени – токму тоа е пораката на овој базар“, вели Перчо Божиноски, претседател на Советот на Општина Охрид.

„Треба повеќе вакви настани, не само кога се празници, бидејќи ја зближуваат заедницата, соработката меѓу училиштата го крева духот и треба заедничка поддршка“, вели Јован Цветкоски, претседател на Младински центар Охрид.

Вечерва, во Светиклиментовиот храм на Плаошник, ќе се одржи централната богослужба, на која традиционално се очекуваат илјадници верници, но и туристи заедно да ја споделат празничната радост.

Соња Рилковска