Велигденските јајца меѓу традицијата и модерното
Домовите се исполнуваат со боја, традиција и креативност. Се вапсаат велигденските јајца, а рачните изработки и украси даваат посебен дух на празникот. Старите обичаи добиваат и нов, модерен изглед.

Вапсањето јајца останува актуелен и негуван велигденски обичај. Домаќинките според традицијата, првите три јајца ги бојадисуваат на Велики Четврток, пред изгрејсонце. Црвената боја го симболизира Христовото воскресение. Останатите вообичаено се подготвуваат во сабота. Но првите остануваат во домот. Ова го практикува и 68-годишната кумановка Виолета Јосевска.
„Првото јајце го оставаме за Бога, второто јајце го оставаме за децата обичајот по образите да им кажеме црвено бело здраво, а третото јајце е за бериќет на куќата и ги чуваме преку целата година. Тие јајца не ги фрламе“-вели таа.
Многумина и денес го задржале традиционалниот начин на подготовка. Со природни бои, лушпи од кромид и класични украси. Но застапени се и модерните техники, декорации со салфети, сјајни бои, лепенки.
„Овие се на пареа, ги ставам на слама во тенџере со решетка во другото има вода вријат на тивко со капак и кога ќе се наросат од сите бои ставам и таа се разлева и се варат на тивко половина час“-раскажува оваа кумановка.
Но освен бојадисаните јајца, актуелни се и велигденските декорации. Живка Величковска создава различни ракотворби. Ги прави од гипс, хартија, пластика, мотиви од салфети.
„Јајце не може да се направи, мора во два дела да биде, па да се исуши, гланца, залепи, бои, декупаж да се направи, доукраси треба неколку дена. Тоа многу ме одмара, релаксира, а најважно од се го правам тоа затоа што служам како инспирација за многу помлади од мене, моите деца, внуката“-дополни таа.
Оваа кумановка создава ракотворби и украси и од рециклирање. Ситните нешта вели даваат посебна топлина и празнична радост.
Елена Георгиевска
