САД и Иран седнуваат на преговарачка маса за крај на војната
САД и Иран седнуваат на преговарачка маса за крај на шестнеделната војна. Американската делегација предводена од потпретседателот Џеј-ди Венс веќе пристигна во Исламабад, се очекува вечер да допатуваат и преговарачите на иранската страна. Главни точки на преговорите – управувањето со Ормускиот теснец и прекинот израелските напади во Либан.

САД и Иран на клучни преговори во главниот град на Пакистан, Исламабад за завршување на шестнеделната војна во услови на кревко примирје, и Либан како камен на сопнување во прекинот на огнот.
„Страните кои беа во војна до вчера, се согласија да ги решат проблемите со преговори. Пакистанското раководство ќе направи сè што е во негова моќ за да ги направи овие разговори успешни. Фазата на прекин на огнот е фаза за долготраен мир, а овие разговори се за решавање на сложени прашања. Ова е одлучувачки момент – сè или ништо“, изјави Шехбаз Шариф – премиер на Пакистан.
И двете делегации претпазливи. Водачот на иранската делегација, Мохамед Багер Галибаф, вели дека неговите преговарачи имаат „добри намери“, но „не им веруваат“ на САД. Во истовреме, американскиот потпретседател Венс предупреди дека Американците нема да бидат отворени за договор ако Иран се обиде да ги изигра или измами.
„Ако Иранците се подготвени да преговараат со добра намера, ние сигурно сме подготвени да им подадеме рака. Ако се обидат да не изиграат, тогаш ќе откријат дека преговарачкиот тим не е толку приемчив. Затоа ќе се обидеме да имаме позитивни преговори“, изјави Џеј Д. Венс – потпретседател на САД.
Покрај воените прашања околу нуклеарната програма и балистичките ракети на Иран, клучна точка во преговорите е Ормускиот теснец. Во обид да го зголеми притисокот врз Техеран, Трамп предупреди дека „најдобрата муниција“ се товари на американските воени бродови и дека во следните 24 часа ќе стане јасно дали разговорите со Иран ќе бидат успешни. Додаде дека не е потребен резервен план доколку тие не успеат, оценувајќи дека Иран е во ослабена позиција и очекува брзо решение на ситуацијата. Истовремено порача дека Ормускиот теснец ќе остане отворен „со или без“ Иран.
„Мислам дека ќе оди доста брзо. А ако не оди, ќе можеме да го завршиме на еден или друг начин“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Генералниот секретар на ОН ги повика Иран и САД да покажат добра волја.
„Генералниот секретар повторува дека не постои одржлива алтернатива на мирното решавање на меѓународните спорови, во целосна согласност со меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН“, изјави Стефан Дужарик – портпарол на генералниот секретар на ООН.
Во меѓувреме, либанските и израелските власти потврдија дека преговарачите ќе се сретнат во Вашингтон во вторник, со цел разоружување на Хезболах и постигнување одржлив мировен договор меѓу двете страни, во спротивно Нетанјаху се закани дека ќе продолжи со напади сè додека не се воспостави безбедноста во северен Израел.
Бојана Крстевски
