Велигден

Велика сабота – ден меѓу смртта и воскресението

11.04.2026 16:45

Денеска е Велика сабота ден на тишина и исчекување. Христијанските верници со духовен трепен се подготвуваат да ја слушната радосната вест за Христовото воскресение. Велика сабота е симбол на преминот од смртта кон животот, од тагата кон надежта. Православните верници ги полнат храмовите во очекување на радосната вест, што ќе биде објавена на полноќ со звукот на камбаните...

Православните верници ги прават последните подготовки пред најголемиот христијански празник – Велигден. Денеска е Велика сабота – ден меѓу смртта и воскресението. Ова е втор ден на жалост, тага и молк, кога верниците се сеќаваат на христовото страдање.

„И токму поради тоа се вели, колку може повеќе да се воздржува човекот и од храна, од пијалоци и од зборување, да бидеме во молитвено расположение во кое ќе се воздржуваме од гревови и радосно ќе го дочекаме воскресението Христово. Денес е денот кога треба да се одадеме на молитва затоа што веруваме дека Христос бил во адот и победувајќи ја сатаната во недела наутро се отвораат рајските порти во кои секој човек може да се спаси и секоја човек да се здобие со вечен живот“, изјави отец Антонио.

Во православните храмови, верниците палеа свеќи за здравје и среќа. Со молитва ја очекуваат најрадосната вест за Христовото воскресение. Оние кои го практикувале седумнеделниот пост се причестија, подготвени духовно да го дочекаат празникот.

„Традицијата е оставена за да се практикува, да се зајакнува карактерот, верата, љубовта. Воскресението секоја година е најрадосниот миг затоа што тогаш животот ја победува смртта“.

„Се чувствувам исполнето, духовно. Сметам дека треба да сме луѓе, човечни, не само овие денови туку преку целата година. Верата и религијата се филозофија на животот, не траат само еден ден или еден празник“.

Велигден е голем ден за православната црква. Дојдовме денеска да ги испочитуваме обичаите и традицијата на нашите дедовци, прабаби“.

Велигден е најголемиот христијански празник.

На полноќ со биењето на камбаните, воскресението христово ќе биде објавено во сите храмови на Македонската православна црква. Ќе се запазат и традицијата, кршење на вапсани јајца кои се симбол на животот.

 

Андријана Ѓурческа