Влада

Иднава недела поевтинување на горивата

11.04.2026 14:11

По празниците, намалување на цените на горивата. Владините пресметки покажаа – бензините ќе поевтинат за 1,5 денар, дизелот за 2,5. Власта задоволна од ефектот на мерките, опозицијата критикува – граѓаните пред Велигден сами се борат со скапотијата.

Идната недела, ново поевтинување на горивата. Бензините треба да се намалат за 1,5 денари, а дизелот за 2,5 денари по литар. Според тоа, цената за евросупер 95 ќе биде 82 денари за литар, за евросупер 98 – 84 денари, а дизел горивото за 95,5 денари, цени во кои не се пресметани попустите од 2, односно 3 денари.

На следната владина седница ќе се направи анализа за цените на производите, по што ќе се носат одлуки. Засега останува намалување на ДДВ од 18% на 10% и на акцизите.

СДСМ реагира – наместо мерки, Мицкоски кажува цени на горива, граѓаните останаа со празни фрижидери за Велигден.

„Велигденската трпеза е полупразна зашто е најскапа досега ама Мицкоски не објавува мерки за намалување на цените и заштита на животниот стандард, туку чита цени на горивата – кои ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика. Нема мерки, нема план, нема грижа за граѓаните, кои се оставени сами на себе.“-соопштија од СДСМ

Државава има доволно количества гориво, смирува Владата, иако поради зголемената потрошувачката во пограничните региони каде гориво точат луѓе од соседството, конзумот во одредени денови расте и за 30 проценти и стигнува и до 2 милиони литри на ден.

 

Борис Грујоски