Бугарија

Софија ја крши слободата на здружување на Македонците

11.04.2026 15:21

Одлука по одлука се потврдува исправноста на нашите аргументи – премиерот Мицкоски се огласи откако Комитетот за човекови права на ОН утврди дека се прекршува слободата на здружување на етничките Македонци во Бугарија.

Одлука по одлука, само се потврдуваат тезите и аргументите, кои ние како Влада и политичари ги имаме – вели премиерот Мицкоски по заклучокот на Комитетот на Обединетите нации дека без валидно правно оправдување, Бугарија одбила регистрација на организација за заштита на правата на Македонците. „Нашата политика е конзистентна и секој месец добиваме по едно признание“, коментира Мицкоски, според кого секој што мисли дека со промена на Уставот ќе се решат проблемите се лаже.

Комитетот за човекови права на ООН заклучи дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етничките Македонци, откако тамошните судови го отфрлиле барањето за регистрација на непрофитна организација на заштита на човековите права.

„Бугарија да ги преиспита домашните судски одлуки со кои се одбива регистрацијата и да му обезбеди на подносителот на жалбата соодветна отштета, вклучително и надомест на таксите и другите правни трошоци што произлегуваат од прекршувањето. Бугарија да поднесе извештај во рок од 180 дена, детално наведувајќи ги мерките што ги презела за да ја поправи ситуацијата.“ – соопштија од Комитетот за човекови права.

Од ОМО Илинден – Пирин велат дека невладината организација ги имала сите документи за регистрација.

„Невладина организација Правозаштитен комитет – Толерантност“, врз основа на Законот за непрофитни правни субјекти и покрај тоа што ги достави сите релевантни документи и дополнителни побарани информации за активностите на здружението, доби немотивирана одлука со која регистрацијата беше одбиена, наведувајќи само неколку одредби од Законот. Оваа негативна одлука беше дополнително потврдена од Апелациониот суд без конкретно образложение.“ – соопштија од ОМО Илинен Пирин.

Бугарија доби рок од 6 месеци да ја исправи неправдата.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски