Прилеп

Ерусалимското платно-порта кон светоста и христијанството

12.04.2026 14:23

Македонските цркви и манастири ги красат ерусалимски платна. Донесени од аџиите од Ерусалим како потврда на посетата на гробот на Исус. Фасцинираат со деталната уметност на ерусалимските зографи, ја пренесуваат светоста до сите верници-христијани. Денес новите генерации се враќаат со сертификат и духовно себе наоѓање.

Тоа е слика на Христијанството. Порта кон светата земја. Ерусалимското платно, изработено од врвни зографи од Ерусалим ги краси ѕидовите на повеќе цркви и манастири во Македонија.

Скапите платна ги носеле аџиите како потврда дека биле на гробот на Исус пренесувајќи ја светоста дома. Завиткани во ролни, помалку тајно, аџиите од Македонија сакале светоста да ја пренесат дома.

Раритетен примерок од 1870 година поседува прилепскиот музеј. Во црквата „Свето Благовештение“ е двојно поголемо и 17 години постаро, а најстаро е во Трескавец, подарок од Бигорски.

Во центарот на Платното е храмот во Ерусалим. Од страните се претставите на Исус и Богородица и нивниот живот, долу се најголемите празници, а горе-страшниот суд.

Денес многу верници одат на аџилак. Се враќаат со сертификат. Прилепчанецот Зоран Дамкоски вели дека тоа е духовно доживување.

Ерусалимското платно е сертификатот на тоа духовно доживување.

Елизабета Митреска