„Света Троица“ – храм на верата и идентитетот
„Света Троица“ храм на верата и идентитетот на Куманово. Место каде што секојдневно доаѓаат бројни верници, но и посетители од странство. Денес „Света Троица“ не е само место за молитва, туку сведок на историјата.

Сместена во центарот на Куманово. Речиси и да нема посетител кој ќе дојде, а да не помине покрај неа. Црквата „Света Троица“, една од двете главни православни обележја.
Со децении сведок на најважните моменти на кумановци. Од крштевки и венчавки, до одбележување на празниците и заедничките молитви. Особено посетена за големите христијански празници. Меѓу нив и Велигден, денот на Христовото воскресение, храмот и дворот исполнети со верници.
Изградена при крајот на 19-от век, 1899 година во традиционален византиски стил со пет куполи. Со висока камбанарија, пространа внатрешност и богат украсен иконостас. Внатрешноста ја красат икони и фрески, дел постари, други обновени. Последниве години доживеа преродба. Внатрешноста беше целосно реновирана, поставени се нови куполи.
„Името кое ја изразува совршената љубов, меѓу отецот, синот и светиот дух, зрачи од секој камен, и од сета архитектурна форма на оваа кумановска знаменитост. Повеќе од еден век, овој свет храм стои како жив потсетник за вечноста среде минливоста на секојдневието. Секоја недела и секој празник овој храм е литургиски простор кој го исполнуваат кумановските христијани“, истакна Антониј Петрушевски, свештеник Кумановско-осоговска епархија.
Под нејзините сводови, верници низ децениите учат за трпение, духовна љубов. Но за кумановци не е само свет храм, туку дел од идентитетот и историјата на градот.
Елена Георгиевска
