Прилеп

Жителите на прилепско Беровци добија црква

13.04.2026 20:45

По вековен копнеж, жителите на прилепско Беровци добија црква „Христово воскресение“. Желба беше на жителите, оти селската слава е за Велигден. Ова е повторно раѓање велат жителите кои ги отворија портите за гости. И за обновување на животот.

За радост и за тага со децении патуваа во Прилеп, а со векови копнееја за своја црква сред село. Жителите на прилепското село Беровци на само седум километри од Прилеп воскреснаа во својата радост. Веќе 25 години ја имаат својата прва вековна селска црква. Посветена е на селската слава – на Христовото воскресение.

Чувството е како да сме повторно родени, вели Петре Ристески, претседател на црковниот одбор и – чувар на црквата.

Во саботата ги колеа јагнињата за Велигденската трпеза. На првиот ден Велигден славеа во црквата и на трпезата со најблиските. Денеска е нивниот ден – Селската слава и отворените порти за бројните гости. А доаѓале и десетици добронамерници да посакаат за многугодини, здравје и развој на селото.

Беровци има околу 380 жители. Земјоделци, среќни домаќини. Новото време на иселувањето го направило своето, ама најупорните млади останале со традициите, земјоделското производство и желбата своето семејно гнездо да го чуваат и обновуваат во родното село.

Беровчани не се откажуваат ниту од старата црква „Свети Никола“ која ја издигнуваат од темелите.

Елизабета Митреска