Блиски Исток

САД и Иран не постигнаа договор

12.04.2026 11:38

По повеќе часа разговори, средбата организирана на највисоко ниво меѓу претставниците на САД и Иран заврши без договор. Двете страни не успеаја да се договорат за иранската нуклеарна програма и контролата на Ормускиот теснец. Длабоките разлики меѓу Вашингтон и Техеран ја продлабочија неизвесноста за понатамошниот тек на дипломатските решенија.

Нема договор меѓу САД и Иран – пропаднаа дипломатските обиди во Исламабад. По маратонските разговори и двете страни не успеаа да ги надминат разликите околу спорните прашања, меѓу кои нуклеарното оружје, Ормускиот теснец, замрзнатите ирански средства и прекинот на огнот во Либан. Вашингтон, оценувајќи ја својата понуда како „последна и најдобра“, тврди дека Техеран не ги прифатил условите и не се откажува од нуклеарните амбиции.

„Лошата вест е дека не постигнавме договор и мислам дека тоа е лоша вест за Иран многу повеќе отколку што е за нас. Многу јасно ставивме до знаење кои се нашите црвени линии и за што сме подготвени да се прилагодиме, а за што не. Тие избраа да не ги прифатат. Тоа е нашата конечна и најдобра понуда. Прашањето сега е дали Иранците ќе ја прифатат, бидејќи основната цел е јасна: да нема развој на нуклеарно оружје“, изјави Џеј Д. Венс – потпретседател на САД.

Иранската делегација, пак, посочи дека несогласувањата околу „две-три“ клучни прашања го блокирале договорот и дека разговорите се одвивале во атмосфера на „недоверба“.

„За некои прашања всушност постигнавме меѓусебно разбирање, но имаше јаз околу две или три важни прашања и на крајот разговорите не резултираа со договор. Овој пат беа додадени некои нови теми во разговорите, вклучувајќи го и Ормускиот теснец и регионот. Овие прашања имаат свои специфични услови и барања“, изјави Есмаил Багаеи – портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.

Неуспехот од Исламабад го доведува под знак прашалник прекинот на огнот и повторното отворање на теснецот. Пакистан ги повика двете страни да го почитуваат примирјето и да се воздржат од натамошна ескалација.

„Се надеваме дека двете страни ќе продолжат со позитивен дух за да постигнат траен мир и просперитет за целиот регион и пошироко. Императив е страните да продолжат да ја почитуваат својата посветеност на прекинот на огнот. Пакистан ја играше и ќе продолжи да ја игра својата улога во олеснувањето на ангажманот и дијалогот меѓу Исламската Република Иран и Соединетите Американски Држави во наредните денови“, изјави Мухамед Ишак Дар – заменик-премиер и министер за надворешни работи на Пакистан.

Во меѓувреме, Израел, кој не учествуваше во преговорите, ја нагласи својата подготвеност да продолжи со воените дејствија против Техеран, продолжувајќи ги смртоносните напади на југот од Либан. Двете земји треба да одржат свои разговори во Вашингтон следната недела во обид со цел разоружување на Хезболах и постигнување одржлив мировен договор.

 

Бојана Крстевски