Охрид

Прослава на Велигден на Плаошник

12.04.2026 13:39

Охрид за Велигден – духовен центар и туристичка дестинација. Илјадници верници и бројни гости ја исполнија воскресенската ноќ во Светиклиментовиот храм на Плаошник. На централната богослужба присуствуваше претседателката Давкова.

Со биење на камбаните точно на полноќ, синоќа, илјадници верници ја дочекаа радосната вест за Христовото Воскресение во Светиклиментовиот храм на Плаошник. Пламените од свеќите го осветлија древниот простор, а молитвите се издигаа кон небото.

Плаошник и годинава беше срцето на празничната радост – место каде вековната духовност се спои со живата вера на народот. На централната богослужба присуствуваше претседателката Давкова.

„Како празник над празниците, како најголем христијански празник, денеска, по посетите на Свети Наум и Заум, дојдов и овде. Веќе порачав да се потсетиме дека секој од нас не случајно е овде – вреди да се живее, животот е посилен од смртта, тоа Исус го покажа, а ние треба да докажеме дека му веруваме. Посакувам уште поголема вера и надеж во поубава денешница и поубаво утре. Да веруваме во мир, а не во војна, да веруваме во добро, а не во зло“, рече Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Македонија.

Охриѓани, домашните и бројните странски гости, со свеќи во рацете, се упатија кон храмовите и манастирите покрај брегот на Охридското Езеро, обединети во желбата за мир, здравје и подобро утре.

„Христос Воскресна, веруваме дека е жив. Многу сме среќни што сме тука. Многу ни се допаѓа, прекрасно место е Охрид“.

Прекрасно место среќни сме што сме тука за Велигден, им посакуваме љубов и среќа на сите“

„Мир да има тоа доволно е. Христос Воскресна, живи здрави.“

„Охрид како еден од најубавите градови за Велигден носи духовен мир и убаво е празнично расположен градот, убаво е. Има мир спокојство.

„Мене Велигден ми е еден од најубавите празници народ се собира сите се среќни весели со јајца кршење. Плус фамилијата се собира.“

„Да сме среќни за празниците, љубов, среќа радост.“

„Да сме здрави и живи, Бог да ни даде мир јас сум од Негорци прв пат сум во Охрид и ова е феноменално. Ова е Балкански Ерусалим.“

Балканскиот Ерусалим и овој Велигден е преполн со туристи, кои и денес, под ведрото небо, уживаат во сонцето на брегот на Охридското езеро.

Соња Рилковска