Фудбал – Лига на шампиони

Баерн – Манчестер Сити, третпат на мегдан во 3 години

17.09.2014 13:58

Стартот е секогаш исклучително важен, па и двата тима се надеваат на позитивен резултат, иако имаат доста проблеми со составите.

Многу често во елитната конкуренција копјата ги вкрстуваат врвните клубови од Бундес и Премиер лигата, а кога меѓусебе играат шампионите на Германија и на Англија, тоа само по себе претставува фудбалски спектакл. Иако во Европа имаат различно педигре, нивното ривалство станува неизбежно во шампионската лига. Додека Баерн е синоним за германскиот клупски фудбал со 5 европски титули, Сити e со скромно европско искуство во кое дури минатата сезона ја преживеаја групната фаза. Ова ќе им биде трето меѓусебно соочување во последните 4 сезони, а од она што го видовме минатата година вечерва сите опции сево игра, па и онаа дека Баварците не се фаворити на Алианц арена. Тогаш двата меча продуцираа вкупно 9 гола, каде што најпрвин Баерн славеше на гости 3 : 1, а во последното коло дома водеше со 2 : 0 во првото полувреме, за на крајот сепак дa загуби со 2 : 3. Двата тима имаат и по една победа на свој терен, во 2011 во групната фаза кога Баерн стартуваше во 1 коло со 2 : 0, а во 5 коло Манчестер возврати на идентичен начин.

Во вечерашната пресметка ривалите влегуваат ослабени. Гвардиола не може да смета на недоволно опоравениот Рибери, потоа на Бадштубер, Швајнштајгер, Алкантара, Рафиња и Мартинез, а неизвесен е и Робен. Асистентот на суспендираниот гостински менаџер Пелегрини Рубен Кусиљас го нема казнетиот Забалета, поради повреда нема да игра ни Јоветиќ, а Фернандо е неизвесен.

Сепак присуството на Нојер, Боатенг, Лам, Геце, Милер и дебито на Чаби Алонсо и Левандовски на едната, како и на Харт, Компани, Силва, Насри, Туре, Агуеро и Џеко на другата страна се гаранција за фудбал за гурмани, за маркантен почеток на 60 сезона во елитната конкуренција, или 23 во Лигата на шампионите.