сторија

Температурите растат, расте и стравот од пожари

13.04.2026 12:21

Температурите растат, а со нив се враќа и една хронична главоболка – стравот од пожари. Во Македонија, 99% од пожарите не се природни – тие се резултат на човекот. Секоја година губиме околу 10 илјади хектари – површина колку 14 илјади фудбалски терени. и покрај тоа што причините се познати, реакцијата останува иста …

Од 1999 до 2024 година, според податоците на Шумарскиот факултет во Скопје, во пожари изгорени се околу 270 илјади хектари шума. тоа е повеќе од една четвртина од сите шуми во Македонија. Или поедноставно: секој четврти хектар шума – изгорел барем еднаш.

Просечно, секоја година исчезнуваат околу 10 илјади хектари – површина што одговара на повеќе од 14 илјади фудбалски терени. и ова не се исклучоци, ова е тренд.

Кога ќе се вклучат и европските податоци, сликата станува уште појасна.

Според европскиот систем за пожари, кој ги мери и изгорените пасишта и ниви, во периодот од 2008 до 2025 година, изгорени се околу 420 илјади хектари. Тоа е површина речиси колку: целата Пелагонија или половина од вкупната шумска површина во државата.

Но пожарите не завршуваат кога ќе се изгаснат. Тие оставаат деградирана шума, еродирана почва и услови за појава на инсекти и болести. Процеси што траат со години.

„Вкупната штета од пожарите е некаде, не зборувам изгорена дрвна маса, туку вкупната штета, за овој период целиот е околу 270 милиони евра. значи, за периодот од 1999 до 2024 година. Во периодот 1990-2022 година има некаде околу 16 милиони тони јаглерод од Македонија отидено во атмосферата, ама тоа не е сè!“, изјави – проф. д-р Никола Николов.

Пожарите имаат и климатска димензија и тоа не е иднина – туку веќе измерена состојба.

„Според една студија за климатските промени на Западен Балкан, една од констатациите е дека не очекува зголемена фреквенција на пожари и нивно ширење.“, изјави – проф. д-р Никола Николов.

Во исто време, условите на терен се менуваат од 1993 година до сега, просечната температура значително се зголемила.

„Просечните температури беа 12,3 степени, сега дојдовме до просечна температура од 13,7 степени навистина голема промена за релативно краток временски период. Уште по изразено е тоа што на високите места, летните температури се драстично повисоки, а како резултат на тоа па и имаме помало задржување на снег, помали снежни врнежи …“, изјави – проф. д-р Ивица Милевски.

Потопло, посуво, подолго лето, но за разлика од други делови на светот, каде пожарите често се природни, во Македонија – причината е речиси секогаш иста. Според проценките, 99% од пожарите се предизвикани од човечки фактор, истовремено, се менува и просторот.

Руралното население се намалува од 72,4% во 1948 година, на околу 31% во 2008 година.

Аграрното население – од над 71%, на под 12% сè помалку луѓе значи помалку одржување и повеќе ризик.

Но и покрај тоа што причините се познати, реакцијата останува иста гасење, наместо превенција. Ова не е непознат проблем, ова е проблем што го гледаме со години. Прашањето не е дали ќе има пожари, туку дали ќе се смени начинот на кој се справуваме со нив.

Катерина Топалова