Украинско семејство за Велигден во Македонија
Во Македонија добивме гостопримство, но и мир. Украинско семејство од Одеса, на заедничка велигденска трпеза во Битола. По децении разделени, воениот конфликт ги обедини на едно место.

Украинското семејство Михиљкис воскресението Христово го дочекаа во Битола. Среќни се што живи и здрави по три децении разделени седат на заедничка велигденска трпеза, далеку од военото жариште во нивниот роден град.
„Жалам што заминавме од Одеса. Го оставивме домот, роднини, пријатели, работата. Но, тука се обединивме сите заедно. Сестрите, нашите деца и татко ни. Се молам за мир во Украина и во Русија. Ние сме братски народ“, изјави-Ирина Фјодорова.
Стогодишниот Алексеј во несреќата гледа и среќа. Поради воениот конфликт тој денеска живее во единство со семејството.
„Поради војната дојдов кај ќерка ми. Ако не се случеше конфликтот, сигурно немаше да бидеме вака обединети“, изјави Алексеј Михиљкис.
Радосни ги слават животот и Велигден со украински адети. Го замесија и задолжителниот празничен колач. Алексеј преку телевизиските програми ревносно ја следи ситуацијата меѓу Украина и Русија. Вели дека во Македонија доби гостопримство, но најде и мир.
Ружица Ѓоршевска
